Sunday, September 13, 2009

Моето скромно мислење...

Некаква си Република (бивша од нешто и без никакви шанси за идна во нешто) Македонија – територија во која вегетираат испрани мозоци преокупирани со победата на следниот Преживеан, Идол или Голем Брат”, заковани за удобните фотељи или уште поудобните гарнитури за седење (читај: лежење) кои ги голтаат новите епизоди од последната сезона на ”Очајни домаќинки ” или во полош случај некои ”порфавор” серии на кои единствена активност им е кукањето по кафиња со пријател-ите/ките по правило во некое кафуле, бидејќи кафето испиено дома не дава ист feeling џанам, како она кое пиеш од последните пари изгребани од социјалната помош на мама и тато, при тоа да облечен/а по најнова мода... Кукањето воглавно се однесува на тоа како им ја деградираат дипломата (која и онака ништо не вреди), а во целиот тој процес забораваат на зборот иницијатива и неговото значење. Како да ги сфатам сериозно оние на кои најголема грижа во животот им е изборот на новиот костим за капење во новата однапред испланирана по најнов тренд туристичка сезона?!???

Чекајќи го тргнувањето на визниот режим и подоброто утре во некоја друга земја (во која парите растат на дрво и можностите ги има на секој чекор, особено за така квалификуваните работници како нив, на кои единствени квалитети им се дипломата и желбата да бидат дотерани на потенцијалното работно место), еден ден ќе се разбудат во четвртата деценија од својот живот каде ќе бидат престари за да бидат практиканти, а премлади за да добијат пензија која и онака не им следува, бидејќи биле премногу горди да работат било што (тука морам да ја нагласам легендарната реплика: “Па јас не учев факултет за џабе.)

Истите горенаведени квази-интелектуалци одат по линија на помал отпор мислејќи дека единствен начин за ”успех” и нормално брза заработувачка е земањето на партиска книшка (или понекогаш повеќе – добро де, никогаш не е на одмет да имаш вишок). Припадноста на одредената групација го убива личниот идентитет и убедување, меѓутоа ја зголемува зависноста од оние кои после краток временски период ќе морате да ги прашувате дали смеете да извршите физиолошка потреба, да не е случајно тој природен процес спротивен на партиските убедувања. При тоа најтажен е фактот дека 97% од толпата нема поим зошто крева два прсти.

Од друга страна пак, споменатите партиски активисти многу често се членови на невладини организации (чудно нели?) и имаат за задача да изготвуваат проекти со кои (нормално теоретски) ќе го спречуваат насилството од вештачки создадените или измислени конфликтни ситуации, а во меѓувреме ќе го мразат сето она што е на било каков начин различно од нив. За пример: се будиш едно утро и слушаш на вести дека треба да почнеш да го мразиш соседот само поради тоа што (замисли) си дозволил да има различно мислење од твоето и за чудо сака да јаде месо во деновите кога е кажано дека строго треба да се јаде зеленчук, а сосетката пак бесрамно излегла облечена во зелено во ден кога треба да носи жолто (нормално од денес и неа со закон ќе ја мразиме).

...Тоа дека сé отиде по ѓаволите одамна ми е јасно, меѓутоа не можам да ги разберам причините за рамнодушноста која така добро се одомаќинила во секој сантим од оваа наша државичка без иднина.


to be continued...