Wednesday, December 9, 2009

Април у Београдууу...

Испровоцирана од патриотизмот и локал-патриотизмот со кој секојдневно се соочувам, го земам моето најсилно оружје в рака и почнувам да ги забележувам размислувањата врз парче хартија.

Си мислам јас дека Грција слободно може да престане со блокадите и ветата. Зошто ни е помош од страна, кога самите така добро си ја извршуваме функцијата наречена самоуништување.

Секојдневно не бомбардираат со информации дека некој тука ни ги штити националните интереси од оние кои ги загрозуваат не признавајќи дека имаме идентитет и јазик. Имаме?!??? Доколку ги имаме, зошто тогаш визната либерализација ќе ја славиме со Здравко Чолиќ и Fat Boy Slim?!??? Можам да ги замислам двајцата прегрнати, како на плоштадот заедно со толпата ја пеат Народе македонски, а потоа со племенскиот старешина на ЗБПЈСНСТЗИСГРМ (Западно-балканска Поранешна Југословенска Сегашно Непризнаена Со Тенденција За Идна Северна Грчка Република Македонија), наздравуваат со по една жолта и почнуваат да го играат тешкото.

Целиот тој срам нормално ќе биде пренесуван од некој национален медиум во кој за да работиш доволно е да имаш желба, добра предница и да знаеш да читаш (говорната маана е препорачлива). Што ќе ти дадат да читаш е друга приказна. Ако си малку пописмен секогаш можеш да се влечиш на импровизација, а ако имаш само две функционални сиви ќелии, тогаш ќе мораш да се служиш со она нешто што популарно го нарекуваат сценарио, а во суштина е текст кој изобилува со еден куп грешки (бидејќи пари за лектор нема потреба да се даваат), а за содржината на истото не вреди ниту да се зборува. Цензурата во време на демократија нема потреба да се применува. Колку сме само современи покажува фактот дека тука во било кој термин секој може да каже и да покаже сé. Тажно е што веќе не постои ниту критички настроена маса која ќе покаже со прст на оние кои заработуваат бламирајќи се. Нормално дека нема да постои кога целосно го деградиравме процесот на образование до тој степен што дипломи почнаа да се продаваат на килограм по пазарите и селските панаѓури. На добар пат сме да станеме држава со најголем број на високообразовани кадри кои нема да знаат да се потпишат...

...Април у Београдууу (многу ја сакам оваа македонска патриотска песна)...

Се уморив од пишување. Одам да си ги измијам ‘ногите, да ги избришам со пешкирот и да одам да си легнам... оти од многу мислење можат да ми се направат брчки...

П.С. Наградна игра: Најди ја неправилната множина и србизмот во последниот пасос. J

Нешто...

На маргините на ова навидум демократско општество, во државата каде секој мора да направи сé по секоја цена и каде според однапред поставените стандарди за успешност треба да имаш: факултет, работа, брак и деца, стојам на страна како недоволно успешен набљудувач при тоа во ниту еден момент не добивам желба да станам учесник. Згрозена од секојдневието и ‘она кое се сервира во секакви облици свесна дека не можам да променам ама баш ништо, се прашувам кој ни го дава правото да се нарекуваме себеси најинтелегентни суштества на оваа кутра планета, а при тоа се однесуваме како примати. Насилство, злоба, презир и лаги во огромни количини. Работите се толку избегани од контрола што се плашам дека решение практично е невозможно да се пронајде. Ништо повеќе не е свето. Вредностите кои некогаш значеа нешто, сега се изумрени. Никому веќе не му е грижа.

Не знам како било порано, меѓутоа гледам како е сега... Се запознаваат двајца млади луѓе на кои поедноставно им е да комуницираат со помош на современата технологија (читај: мобилни телефони, facebook, skype…) Нивното познанство преоѓа во фаза популарно наречена мување. Мувањето е процес кој може да трае долго, а може за бргу да се претвори во официјална врска (нормално на facebook), при што жената го добива екслузивното право да биде шетана за рака. Елем, поради зачувувањето на личните права и слободи (што год тоа да значи), се задржува правото да се излегува сам/а (јавно). А не толку јавно се случуваат работи кои прават роговите да бидат главен моден додаток кај голем процент од горенаведените. Поради добро познатата: Зошто да купувам крава, кога имам бесплатно млеко или уште попознатата Не ќе купувам цела свиња само поради еден колбас/ колбавче, т.н. врска преоѓа во долга врска. Проблемот доаѓа кога девојката во еден момент ќе сфати дека нејзиниот биолошки часовник отчукува, а богами и сите нејзини другарки се веќе средени, па мора долгата врска да добие нејзина продолжителна верзија. Постојат две решенија: раскинување или ќе им се згреши. (Луѓе, зачнатиот плод не е причина за започнување на брак!) И еве ти драма. Под притисок на семејството по кратка постапка се закажува свадба. Свадбата е собир на еден куп лицемерни луѓе со лажни насмевки и намери во која како главен декор имате: бремена невеста и пијан зет, при тоа трошите пари кои ги немате со искрена надеж дека ќе ви се вратат (Зошто?!???). После свадбата почнува фазата брак (читај: пекол). Жената е должна целото свое внимание да го посвети на децата, додека мажот е должен да се претвори во паразит. Љубовта која доколку некогаш постоела, заминала во моментот кога тој се осетил изневерен со целиот човечки род, бидејќи го натерале да се врзи пред време, па кон онаа која му го родила детето чувствува само презир и омраза. Процесот на психичко насилство во еден момент се претвора во физичко. Таквата пореметена заедница остава длабоки траги врз она кое се зачнало во времето кога други работи биле поважни. Дали работите условно ќе останат меѓу четирите ѕидови (поздрав до моите комшии, прекрасни зборови слушав синока од вашите усти) или ќе отидат малку подалеку (поздрав до оние од петти спрат) исходот врз тие јадни душички е еднаков. Вината ја има подеднакво во двајцата. Зошто воопшто влегувате во моногамна врска кога не верувате во моногамија? Зарем по секоја цена треба да влезете во брак, кој ќе го градите врз погрешни основи? Мислете малку на децата, тие не се виновни за вашите фрустрации. Најмалку што можете да им пружите е љубов и внимание…

Јас? Јас сеуште верувам во пеперутки и муабет...

Sunday, September 13, 2009

Моето скромно мислење...

Некаква си Република (бивша од нешто и без никакви шанси за идна во нешто) Македонија – територија во која вегетираат испрани мозоци преокупирани со победата на следниот Преживеан, Идол или Голем Брат”, заковани за удобните фотељи или уште поудобните гарнитури за седење (читај: лежење) кои ги голтаат новите епизоди од последната сезона на ”Очајни домаќинки ” или во полош случај некои ”порфавор” серии на кои единствена активност им е кукањето по кафиња со пријател-ите/ките по правило во некое кафуле, бидејќи кафето испиено дома не дава ист feeling џанам, како она кое пиеш од последните пари изгребани од социјалната помош на мама и тато, при тоа да облечен/а по најнова мода... Кукањето воглавно се однесува на тоа како им ја деградираат дипломата (која и онака ништо не вреди), а во целиот тој процес забораваат на зборот иницијатива и неговото значење. Како да ги сфатам сериозно оние на кои најголема грижа во животот им е изборот на новиот костим за капење во новата однапред испланирана по најнов тренд туристичка сезона?!???

Чекајќи го тргнувањето на визниот режим и подоброто утре во некоја друга земја (во која парите растат на дрво и можностите ги има на секој чекор, особено за така квалификуваните работници како нив, на кои единствени квалитети им се дипломата и желбата да бидат дотерани на потенцијалното работно место), еден ден ќе се разбудат во четвртата деценија од својот живот каде ќе бидат престари за да бидат практиканти, а премлади за да добијат пензија која и онака не им следува, бидејќи биле премногу горди да работат било што (тука морам да ја нагласам легендарната реплика: “Па јас не учев факултет за џабе.)

Истите горенаведени квази-интелектуалци одат по линија на помал отпор мислејќи дека единствен начин за ”успех” и нормално брза заработувачка е земањето на партиска книшка (или понекогаш повеќе – добро де, никогаш не е на одмет да имаш вишок). Припадноста на одредената групација го убива личниот идентитет и убедување, меѓутоа ја зголемува зависноста од оние кои после краток временски период ќе морате да ги прашувате дали смеете да извршите физиолошка потреба, да не е случајно тој природен процес спротивен на партиските убедувања. При тоа најтажен е фактот дека 97% од толпата нема поим зошто крева два прсти.

Од друга страна пак, споменатите партиски активисти многу често се членови на невладини организации (чудно нели?) и имаат за задача да изготвуваат проекти со кои (нормално теоретски) ќе го спречуваат насилството од вештачки создадените или измислени конфликтни ситуации, а во меѓувреме ќе го мразат сето она што е на било каков начин различно од нив. За пример: се будиш едно утро и слушаш на вести дека треба да почнеш да го мразиш соседот само поради тоа што (замисли) си дозволил да има различно мислење од твоето и за чудо сака да јаде месо во деновите кога е кажано дека строго треба да се јаде зеленчук, а сосетката пак бесрамно излегла облечена во зелено во ден кога треба да носи жолто (нормално од денес и неа со закон ќе ја мразиме).

...Тоа дека сé отиде по ѓаволите одамна ми е јасно, меѓутоа не можам да ги разберам причините за рамнодушноста која така добро се одомаќинила во секој сантим од оваа наша државичка без иднина.


to be continued...