Wednesday, December 9, 2009

Април у Београдууу...

Испровоцирана од патриотизмот и локал-патриотизмот со кој секојдневно се соочувам, го земам моето најсилно оружје в рака и почнувам да ги забележувам размислувањата врз парче хартија.

Си мислам јас дека Грција слободно може да престане со блокадите и ветата. Зошто ни е помош од страна, кога самите така добро си ја извршуваме функцијата наречена самоуништување.

Секојдневно не бомбардираат со информации дека некој тука ни ги штити националните интереси од оние кои ги загрозуваат не признавајќи дека имаме идентитет и јазик. Имаме?!??? Доколку ги имаме, зошто тогаш визната либерализација ќе ја славиме со Здравко Чолиќ и Fat Boy Slim?!??? Можам да ги замислам двајцата прегрнати, како на плоштадот заедно со толпата ја пеат Народе македонски, а потоа со племенскиот старешина на ЗБПЈСНСТЗИСГРМ (Западно-балканска Поранешна Југословенска Сегашно Непризнаена Со Тенденција За Идна Северна Грчка Република Македонија), наздравуваат со по една жолта и почнуваат да го играат тешкото.

Целиот тој срам нормално ќе биде пренесуван од некој национален медиум во кој за да работиш доволно е да имаш желба, добра предница и да знаеш да читаш (говорната маана е препорачлива). Што ќе ти дадат да читаш е друга приказна. Ако си малку пописмен секогаш можеш да се влечиш на импровизација, а ако имаш само две функционални сиви ќелии, тогаш ќе мораш да се служиш со она нешто што популарно го нарекуваат сценарио, а во суштина е текст кој изобилува со еден куп грешки (бидејќи пари за лектор нема потреба да се даваат), а за содржината на истото не вреди ниту да се зборува. Цензурата во време на демократија нема потреба да се применува. Колку сме само современи покажува фактот дека тука во било кој термин секој може да каже и да покаже сé. Тажно е што веќе не постои ниту критички настроена маса која ќе покаже со прст на оние кои заработуваат бламирајќи се. Нормално дека нема да постои кога целосно го деградиравме процесот на образование до тој степен што дипломи почнаа да се продаваат на килограм по пазарите и селските панаѓури. На добар пат сме да станеме држава со најголем број на високообразовани кадри кои нема да знаат да се потпишат...

...Април у Београдууу (многу ја сакам оваа македонска патриотска песна)...

Се уморив од пишување. Одам да си ги измијам ‘ногите, да ги избришам со пешкирот и да одам да си легнам... оти од многу мислење можат да ми се направат брчки...

П.С. Наградна игра: Најди ја неправилната множина и србизмот во последниот пасос. J

No comments:

Post a Comment